Ви благодарам на топлиот пречек, така беше на почетокот на октомври кога се сеќавам како многумина од вас кажуваа со какви се предизвици се соочувате. И тогаш главната идеа потекна од оваа средба да имаме комплетна промена на концептот во пензискиот систем, а тоа е да имаме линеарно покачување на пензиите на пензионерите. На тој начин практично сите пензионери ќе добијат подеднакво и нема да се создава преголема разлика помеѓу малкумина и повеќе од 80% од пензионерите.
Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната средба со здружението на велешките пензионери, после одлуката на Владата за зголемување на пензиите за пензионерите.
-И тогаш рековме и денес сакам тоа да го потврдам, дека наша главна цел ќе ни биде нашите повозрасни сограѓани да имаат подостоинствени пензионерски денови, односно во најубавите години од својот живот да може да се чувствуваат пристојно и достоинствено, а не како што беше минатата есен и зимата, кога за жал нашите родители, дедовци, баби, наместо да ги поминуваат пензионерските денови онака како што заслужуваат, тие чекореа по улиците и плоштадите ширум Македонија, барајќи поголеми права и повисоки пензии – истакна Мицкоски.
Тој посочи дека е направена детална анализа и врз основа на тоа беше дадено ветувањето дека во првата година од мандатот ќе се направи линеарно зголемување на пензиите за пет илјади денари.