До пресекот во 12 часот, собрани се над 15 илјади потписи со поддршка за Силјановска Давкова, додека за противкандидатот се собрани околу 7,5 илјади. Ова е досега незабележена поддршка во македонската историја за само еден ден, за еден од кандидатите, вака изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за денешното собирање потписи за претседателските кандидатури.
Според Мицкоски, ако се направи пресек во 14 часот, бројката ќе биде над 22 илјади потписи за Силјановска Давкова. Очекува уште потписи до затворањето на канцелариите на ДИК и до затворањето на нотарските канцеларии.
-Јасна е улогата на двајцата кандидати што ги споменавте. Тие практично ја имаат улогата на опозиција на опозицијата во оваа кампања и тоа го коментирав уште од самиот почеток. Неспоредлива е динамиката за собирање потписи со динамиката кај професорката Силјановска Давкова. Јасна е нивната улога – да се обидат да го ослабат потенцијалот на кандидатот на ВМРО-ДПМН’Е, немаат друг капацитет, ниту потенцијал. После резултатите во првиот круг од претседателските избори, ќе им биде јасно што може да очекуваат две недели подоцна на парламентарните избори, рече Мицкоски, одговарајќи на прашањето за кандидатурите на Билјана Ванковска и Стевче Јакимовски.
-Треба да ги прашате овие кандидати што ќе прават во вториот круг бидејќи е јасно дека во првиот ќе имаат само „естрадна улога“ и ништо повеќе, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.