Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска беше на средба со граѓани во Ѓорче Петров. Тој порача дека Зоран Заев е главната пречка за правда во Македонија.
-Уште 4 месеци до крајот на оваа влада, и уште 29 дена Заев премиер. Денес сум овде во Ѓорче и јас за разлика од Заев знам како живеат овие луѓе и затоа тргнавме во поход кој ќе значи обнова и промени. Денес Заев рече дека дошол од Бакингамската палата директно во Волково, но онаа повозрасна женичка која си ја кажа маката за тоа дека нема канализација во 21 век го тресна во реалноста. И се покажа дека вистината не се оние розеви очила кои ни ги нудат од удобните фотелји од владата, туку тука меѓу народот. А уште поголем тресок и средба со реалноста ќе има на 3 јануари, а најголемиот следи на 12 април кога народот ќе го испрати во политичка пензија. А потоа следува одговорност. Денес најголем проблем и пречка на правдата е Зоран Заев. И за кус период неколку работи го извадија Заев на чистина и се покажа дека не ја говори вистината. Првиот беше кога недела дена говореа за автенично толкување на член на амнестијата и повици ние да ја прифатиме за да на крајот нивните пратеници не го прифатат. Притоа нема ниту збор и има целосен молк за нашите предлози да нема амнестија за политичари, и амнестирани лица да не може да се занимаваат со политика. Вториот пат излезе на чистина манипулацијата на Заев кога молчи за предлогот за проверка на имот на политичари. Очигледно е нервозен и исплашен. Третиот пат е кога не прифатија идеја за кандидат мандатар зошто планира по поразот на изборите да се крие позади пратеничкиот имунитет. И четвртиот пат го видовте денес, кога призна дека се плаши од народот и без оправдана причина не сака да се усвои протокол за влез во НАТО за да може потоа тоа да го користи за изговор за одложување на изборите. Имаме премиер кој стана фабрика за лажни вести, какви ќе слушаме се почесто, затоа што нервозата е огромна во владините кругови, рече Мицкоски.