Мицкоски собрал донации од скоро 400.000 евра, Заев и Ахмети истераа половина кампања со 2.000 евра

by Фокус

Политичките партии и коалиции што настапуваат на претстојните парламентарни избори закажани за 15 јули ги поднесоа донаторските извештаи за првата половина од изборната кампања, како што налага Законот за финансирање на политичките партии. Проверката што ја изврши Фокус покажува дека кај владејачките СДСМ и ДУИ се регистрирани неколку помали донации во овој период, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ на специјалната трансакциска сметка за избори примила донации од од 1,5 милиони денари. Истовремено, партијата добила донации од физички лица и приватни компании на редовната партиска сметка во вкупен износ од 23 милиони денари, кои потоа биле префрлени на изборната сметка.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Коалицијата „Можеме“ предводена од владејачкиот СДСМ на чело со Зоран Заев во првата половина од кампањата за претстојните парламентарни избори примила само две донации во вкупна вредност од 96.000 денари, покажува извештајот поднесен до Државниот завод за ревизија, Антикорупциската комисија и други надлежни институции.

Според овој извештај, едната донација е во парични средства во износ од 36.000 денари, уплатени од страна на директорот на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје Кристијан Чушков на 23 јуни. Вториот донатор е Стојча Стефановски, чија донација пак не е изразена во пари, туку во услуги во вредност од 60.000 денари.

Што се однесува до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во првите 10 дена од изборната кампања се евидентирани донации од вкупно 1,2 милиони денари, уплатени на први, втори и трети јули. Имено, овие средства се собрани од 19 донатори, меѓу кои нема партиски функционери, туку претежно бизнисмени и менаџери во приватни компании.

Патем, најголемата поединечна донација од 120.000 денари доаѓа од Иванка Митева, додека четири лица донирале по 100.000 денариАлександар Стоилевски, Верка Спасовска, Ѕвонимир Ников и Дејан Брзанов. Потоа, по 60.000 денари донирале Димитар Белиќ, Билјана Панева, Елена Симеоновска-Јовева, Кирил Јакимов, Драган Ѓоргиев итн.

Меѓу донаторите на ДПМНЕ се ноаѓа и една компанија. Се работи за „Буилд М ИНЖЕНЕРИНГ“, која донирала парични средства во вредност од 300.000 денари. Инаку, оваа градежна компанија е формирана во 2018 година со седиште во Скопје, но во 2019 година се префрла во Тетово, а нејзин единствен сопственик и управител е Мендух Шерифи.

ПРЕНЕСЕНИ СРЕДСТВА ОД РЕДОВНАТА КОН ИЗБОРНАТА СМЕТКА

Воедно, партијата на Христијан Мицкоски примила донации и на основната партиска сметка кои потоа ги пренела на трансакциската сметка отворена специјално за изборната кампања на коалицијата „Обнова“. Од официјалниот извештај произлегува дека во периодот од 1 до 29 јуни на основната партиска сметка легнале донации од дури 293 физички лица во вкупна вредност од 21.5 милиони денари, кои биле префрлени на изборната сметка во текот на два дена – 26 јуни и на 1 јули.

Притоа, најголеми суми во вредност од 300.000 денари или повеќе уплатиле Моника Попчева, Весна Николоска, Крешимир Павиќ, Ана Стаиќ, Гоце Стефкосвки… Исто така, значајни суми повисоки од 100.000 денари донирале Зоран Коцевски, Петар Ристески, Ане Лашкоска, Здравко Пенков, Златко Трајанов, Кристина Поцкова, Мирослав Симоски, Даниела Гугушевска, Даниела Христова, Никола Мицевски… Сепак, поголем број од донациите се под 100.000 денари.

Покрај тоа, на редовната партиска сметка средства уплатиле и неколку приватни компании кои исто така биле префрлени на изборната сметка за време на првата половина од изборната кампања. Една од нив е транспортната компанија „Голдинг МС“, која уплатила две донации, така што едната изнесува 600.000 денари. Другата пренесена донација, пак, е помала и изнесува 16.000 денари.

Дополнително, штипската компанија за трговија „Џо Ком“ донирала 447.000 денари, струмичката компанија за маркетинг „Универзум Груп“ донирала 200.000 денари, гостиварската компанија за транспорт „Ехте Логистик“ донирала 100.000 денари, додека Приватната здравствена установа „Д-р Јорданов“ донирала 184.000 денари.

Севкупно земено, ВМРО-ДПМНЕ остварила приходи за време на првата половина од изборната кампања од 24 јуни до 3 јули во вкупен износ од 24,5 милиони денари или околу 398 илјади евра. Притоа, само 1,5 милиони денари се уплатени како донации директно на изборната сметка, додека остатокот од 23 милиони денари се пренесени од сметката за редовно партиско функционирање.

ПАРТИИТЕ И ЛИДЕРИТЕ КАКО ДОНАТОРИ

Во врска со останатите политички партии, кај ДУИ се регистрирани донации од незначителни петстотини евра, префрлени од партиската сметка, како и од партискиот институт „Абдулаќим Адеми“, кој функционира како истражувачко-аналитички центар во поддршка на партијата, финансиран со буџетски пари.

Слична е ситуацијата кај Алијансата за Албанците и Алтернатива, кои како коалиција пријавиле само една донација од 1.000 денари, која всушност претставува ненаплатена услуга од Самир Ракипи, потписник на финансискиот извештај. Дополнително, Алијансата на Зијадин Села пренела незначителни 6.000 денари од партиската сметка.

Поголеми донации во овој период се забележани кај ДПА, чиј вкупен износ е 785.000 денари. Меѓу донаторите е и партискиот лидер Мендух Тачи, кој издвоил 175 илјади денари, или приближно исто како и Садик Бекири, се уште актуелен заменик-министер за транспорт и врски како кадар на ДПА.

Инаку, секое правно и физичко лице има право да уплати донација за политичките партии или за време на изборната кампања во рамки на утврдениот лимит, при што од партиите велат дека добиваат извод во кој се гледа име и презиме и трансакциска сметка на донаторот, но нема повеќе податоци од типот на адреса на живеење, професија…

Поврзани новости