Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес конференција најави дека ќе оди кај претседателот Стево Пендаровски и ќе бара одговор зошто мандатот му го дал на Зоран Заев.
-Денеска претседателот на државата Стево Пендаровски му го даде мандатот на пратеникот Зоран Заев без доказ дека има мнозинство. Ќе се упатиме од овде, од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ кон канцеларијата на претседателот, да видиме врз основа на кои докaзи Заев го убедил да го добие мандатот. Апелирам Пендаровски да не прими мене и уште еден пратеник и да разговараме за доказите врз основа на кои пратеникот Заев го убедил дека поседува мнозинство во парламентот каде ќе се гласа новата Влада, рече Мицкоски.
Тој обвини дека со ваквиот чин бил прекршен Уставот.
-Денеска бевме сведоци на очигледно кршење на Уставот, а од денес активен учесник во тоа е и Пендаровски. Тој без никаков доказ денеска му го даде мандатот на Заев без да има доказ за тоа. Пратеникот Заев и самиот кажа дека нема мнозинство. Претседателот на државата беше активен учесник во прогласувањето на вонредните состојби според потребите на Зоран Заев и СДСМ за да се организираат изборите, рече Мицкоски.