Овој празник е еден од најсветлите датуми во македонската историја, затоа што значеше почеток на едно ослободително и антифашистичко востание на македонскиот народ, кое беше крунисано со АСНОМ и втемелувањето на македонската државност, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во честитката по повод 11 Октомври.
-Со нападот на бугарскиот полициски участок во Прилеп, партизанскиот одред „Гоце Делчев” ја започна борбата против фашистичкиот окупатор која како пламен се прошири низ цела Македонија.
Тоа е нашето свето антифашистичко наследство на кое сите граѓани на Македонија треба да се гордеат, затоа што застанале на вистинската страна на историјата и на тој начин го оствариле вековниот стремеж на илјадници други знајни и незнајни јунаци за слободна Македонија. Оваа борба беше континуитет на стремежот на кресненските и разловечките востаници, на Гоцевите идеали, жртвата од Илинденската епопеја и вербата на плејада млади синови и ќерки кои веруваат во слободата, во човечките правдини и во Македонија, напиша Мицкоски.