Со највисоки државни почести премиерот Христијан Мицкоски утрово го пречека својот српски колега Милош Вучевиќ кој со владина делегација денеска е во официјална посета на земјава.
Свечената церемонија од дочекот се одржа на платото пред зградата на Владата, каде што по интонирањето на химните на двете држави, Мицкоски и Вучевиќ, движејќи се по црвениот килим, оддадоа почит и се поклонија пред државните симболи на земјава.
Вучевиќ беше пречекан и од владина делегација, а по ракувањето и претставувањето со нејзините претставници, тој и неговиот домаќин премиерот Мицкоски се упатија во Владата, каде што, според најавената агенда, е предвидена тет-а-тет средба.
Во рамките на посетата на Вучевиќ, предвидено е да се одржи и пленарна средба меѓу делегациите на двете земји, по која ќе следува и свечено потпишување меморандум за соработка меѓу македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и српското Министерство за рударство и енергетика.
Поради посетата на претседателот на Владата на Република Србија, поширокото централно подрачје на главниот град на земјава е под посебен сообраќаен режим што го спроведува Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје.