Група пратеници од ВМРО предводена од мандатарот за новата влада, Христијан Мицкоски достави до Собранието Предлог закон за измени на Законот за енергетика со кои треба да се оневозможи зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, за кои се подготвува нов ценовник од 1 јули.
– Ветивме дека стандартот на граѓаните ќе биде наш приоритет и нема да дозволиме тој стандард да не биде загрозен. Денеска доставивме до архива предлог закон за дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка. Тоа е предлог закон со кој нема да има зголемување на цената на електрична енергија за домаќинствата. Нема да се дозволи драматично зголемување на цената – рече Мицкоски на прес-конференција во македонското Собрание.
Мицкоски рече дека со Предлогот кој е доставен да се донесе по скратена постапка, цената на електричната енергија нема да се зголеми за првата и втората група потрошувачи, додека за третата и четвртата тарифна група зголемувањето ќе биде од 1 до 2 проценти.
– Тоа е она што ние како идна влада можеме да го направиме. Да ви објаснам стручно: цената на струјата се формира како збир од четири собирока, тоа се цената која за своите услуги ја наплаќа МЕПСО, цената која ја наплаќа ЕСМ дистрибуција, цената која за своите услуги ја наплаќа операторот на пазарот МЕМО, плус цената на струја на ЕВН. Слушнавме дека владата донела одлука да ја зголеми цената на струјата која ја произведува ЕСМ од 57 на 60%. Сите овие четири собирока на крај се множеа со коефициентот 1,115 или 11,5% затоа што тоа беше маржата која ја наплаќаше ЕВН. По распишувањето на јавниот оглас за универзален снабдувач, маржата од 11,5 е намалена на 9,9 проценти.
Со измените на законот велиме дека не е потребно повторно формирање на ново правно лице, туку велиме дека станува збор за старо-нов универзален снабдувач нема потреба да регистрира ново правно лице, само му ја продолжува Регулаторната комисија важноста на лиценцата и тоа значи дека наместо маржа од 11,5 проценти ќе се наплаќа маржа од 9,9 проценти и истовремено упатувам порака до универзалниот снабдувач да вврши оптимизација на своите потреби. Да не набавува количини на струја кои нема да бидат потребни туку да се држи до пристапот кој ќе биде чесен и инспиративен за граѓаните. Доколку овие две работи се случат, доколку законот се донесе и доколку ЕВН направи оптимизација на количните на електрична енергија, ве уверувам дека граѓаните нема да добијат повисоки сметки – рече Мицкоски.
Тој ги повика сите пратеници да гласаат за законските измени затоа што така ќе се спречи и инфлаторната спирала.
Орце Костов