Мицкоски: Со Ахмети не разговаравме за ротација на премиерот, му посакав среќа со СДСМ

by fokus

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, имал едночасовна средба, на која Ахмети го информирал дека ќе отпочне преговори со СДСМ.

На новинарско прашање дали е вистина дека во разговорот му рекол на Ахмети дека е подготвени да прифатите премиер Албанец две години и две години да биде премиер од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски демантираше.

-Јас во одговорот на првото прашање на оваа тема бев многу искрен и ви кажав што разговаравме со господинот Ахмети на оваа тема. Еве ќе повторам, тој рече дека му даде приоритет на СДСМ, како победник во македонскиот блок, јас реков не се сложувам, бидејќи ценам дека ние сме победници. Но, во ред, ако вие мислите дека е така, преговарајте, ви посакувам многу среќа. Се поздравивме и тука заврши состанокот. А, во претходните 45 минути разговаравме на некои теми, сосем од поинаков карактер, појасни Мицкоски.

На прашањето дали ако СДСМ и ДУИ немаат договор, дали тогаш е подготвен да ја дели премиерската фотелја со ДУИ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече:

-Да почекаме прво да завршат разговорите помеѓу СДСМ и ДУИ, да видиме што ќе се случи на тие разговори, па дури потоа, можеби ќе разговараме. Но, принципите на ВМРО-ДПМНЕ се јасни. ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да преговара од позиција на диктати и условувања, и ВМРО-ДПМНЕ коалиција ќе направи врз основа на програма, истакна Мицкоски.

Поврзани новости