Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави оти верува во успешноста на референдумот, но нагласи дека без разлика на резултатот, дури и да не успее, партијата нема да поддржи промена на Уставот под овие околности.
– Единствен начин да видиме дали ќе има излезност е да се одржи тој референдум, да се поддржи таа иницијатива и да видиме дали граѓаните ќе бидат „за“ или „против“. Јас ги охрабрувам демократски во насока на европскиот дух кој од нивните усти додека крадат не престанува да излегува, и сега тоа да го направат и да ги мобилизираат оние малкумина да излезат и се произнесат во согласност со нивните политики. Јас сум сигурен дека ќе успее референдумот. Но, без разлика на резултатот ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот под овие околности, рече Мицкоски по денешниот состанок со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.
Според Мицкоски власта е исплашена од мобилизација на народот и консолидирање на антивладино расположение кое, како што вели, постои. Тој, одговарајќи на прашање во врска со процедурата за поднесување на иницијативата во Собранието, рече дека доколку сметаат дека е пречка, ќе ја корегираат.
– Тие можат да наоѓаат изговори колку сакаат и да ја одложуваат работата. Нас ни е важна суштината, а не формалноста. И ако е тоа пречка ќе ја корегираме таа пречка и ќе ја доставиме онака како што тие ценат дека треба да се достави, само да имаме успешна процедура, демократски да дозволиме граѓаните да се изјаснат за политиките на Владата поврзани со Договорот со Република Бугарија, нагласи Мицкоски.