Македонскиот премиер Христијан Мицкоски на социјалните мрежи објави дека патува со воз од Виена за Салцбург каде што денес ќе има излагање на Европскиот самит посветен на ЕУ и реформите на патот кон ЕУ.
„Во воз на пат од Виена за Салцбург каде утре имам свој панел и излагање на 20тиот Европски самит во Салцбург посветен на Европската Унија и реформите на овој пат.Имаме јасен план и визија и подготвеност да бидеме вреднувани според нашите напори и залагања.
Веќе следниот ден на средби во Австрија со австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг и претседателот на Австрија Александер Ван дер Белен. Ги браниме македонските интереси и работиме за заедничката иднина“, напиша Мицкоски под фотографијата.
Премиерот до Виена патува со воз, но потоа како и сите европски политичари користи чист еколошки превоз како европската железница. Патувањето од Виена до Салцбург трае околу три часа, односно колку што би требало да трае и патувањето од Скопје до Прилеп, но во последните две години за истиот временски период со Македонски железници често се минуваше само релацијата Скопје-Велес од 63 километри.
Билет за економска класа може да се најде за сума помеѓу 40 и 60 евра, а за прва класа билетите се движат од 75 до 100 евра.
Мицкоски не објави во која класа патува, но големи реакции на социјалните мрежи предизвика скапиот часовник кој не можеше да не се забележи. Швајцарскиот модел на „IWC Schaffhausen“ чини 15.000 евра.
Мицкоски не е првиот политичар кој се возел со европските брзи железници, но е првиот кој вети во својот мандат брза пруга низ Македонија во рамките на Коридор 10 и е лидер на партијата ВМРО-ДПМНЕ која пред три години го обвинуваше Стево Пендаровски за популизам додека поранешниот претседател се возеше со воз низ Шведска.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски, за време на посетата на Шведска во октомври 2021 година се возеше со воз на релација Малме-Гетеборг, и објави фотографија на социјалните мрежи. Најевтиниот билет за оваа релација во еден правец чинеше 44 долари.
„Не е ретка глетка да се видат шведски функционери како користат јавен превоз за да се движат низ и меѓу шведските градови. Всушност, тоа е претпочитаниот начин на транспорт низ цела Шведска за луѓе од сите возрасти и сфери на живот. Една од причините: грижа за животната средина, бидејќи возовите придонесуваат помалку за емисиите на јаглерод отколку авионските патувања“, напиша Шведската амбасада во Скопје по повод посетата на Пендаровски.
Можеби не е ретка глетка да се видат шведски функционери како користат јавен превоз, но е ретка глетка македонски политичари да користат јавен превоз посебно железници во Македонија.
Домашните политичари кога се во странство се однесуваат европски, се сликаат како се возат со метро, со воз, како користат еколошки автобуси, летаат со нискобуџетни авиокомпании, но тука, освен кога станува збор за некаков маркетинг или промоција на некаква мерка, ретко можат да се забележат меѓу обичните граѓани.
Орце Костов