Мицкоски: Секој што отвора тема за идентитетските прашања не му мисли добро на соседот

by Fokus

Секој кој ќе отвори тема за идентитетските прашања не мисли добро на соседот, а уште помалку ги почитува европските вредности. Во двата договора стои дека земјите-членки треба безусловно да нè поддржуваат. Македонија никому не оспорува ништо и не сакаме нас да нè оспоруваат, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски, кој во Брисел учествуваше на Самитот ЕУ – Западен Балкан, во интервју за државната МТВ истакна дека билатералната соработка е клучна кога се зборува за економска соработка, туризам, размената на know-how вештини, образованието и.т.н. и оти тука тој процес има додадена вредност.

– Доколку билатералните разговори и преговори се донесуваат на идентитетските прашања, тогаш тука тој процес никако не може да заврши успешно, бидејќи е поврзан со емоцијата, а не со рационалното. Секој оној процес којшто е поврзан со емоцијата не може да биде процес којшто ќе се темели на напредок, на квалитет и на испорака на резултати. Затоа, замолив емотивните билатерални прашања да ги оставиме на страна и да ги читаме правилно договорите. И двата договора велат дека земјите-членки коишто се втора страна, во едниот Грција, во другиот Бугарија, треба безусловно да нè поддржуваат. Никаде во Договорот за добрососедство не стои делот којшто нас нè обврзува на уставни измени. Потребно е правилно да ги гледаме работите, на вистината да ѝ погледнеме во очи, а не онака нас како што ни одговара, изјави премиерот Мицкоски.

Вели дека билатерална соработка треба да има онаму каде што има рацио, додека билатерална соработка каде што има идентитетски прашања не доаѓа в предвид.

Поврзани новости