Секој ден е нова борба за живот, а луѓето од власта трошат по еден стан за одмор, реагираше на Фeјсбук лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, откако секретарот во Владата Драги Рашковски потврди дека отпатувал во Мексико, а опозициската партија тврди и дека вицепремиерот за спречување корупција Љупчо Николовски е на одмор во Дубаи.
Мицкоски, во својот статус, набројува дека, додека луѓето од власта одмараат на егзотични дестинации:
Над 60 илјади граѓани ги загубија своите работни места;
Половина милион граѓани живеат со по 2 евра на ден;
3 364 наши сограѓани ги загубија животите поради корона;
Имаме жестока здравствена криза и полициски час.
Поранешниот генерален секретар на Владата потврди синоќа дека во неделата заминал на одмор во Мексико и дека таму ќе биде до крајот на овој месец.
-Три години не сум бил на одмор, на сопругата ѝ е роденден. Следам сѐ што се случува, изјави Рашковски за Фокус.