Мандатарот Христијан Мицкоски изјави дека секој член во новата влада мора да застапува промакедонски позиции и да работи во интерес на државата или во спротивно нема да биде повеќе дел од владата. Ова е одговор на прашањето за изборот на Иван Стоиљковиќ за вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, во контекст на обвинувањето на ДУИ за неговите проруски позиции.
„Наша заедничка татковина е Македонија и очекувам сите заедно дваесет и четворицата и сите оние стотици кои по вертикала ќе бидат избрани и именувани да имаат исклучиво само промакедонски позиции и да се борат за нивната татковина Македонија“ рече Мицкоски.
Прашан што ќе значат позициите на Стоиљковиќ за стратегиското позиционирање на државата во контекст на надворешната политика, Мицкоски рече оти промакедонска позиција значи и стратегиско ориентирање на државата, а тоа, како што вели, е силен партнер во НАТО и земја која еден ден ќе биде членка во Европската Унија.
„За позициите на господинот Иван Стоиљковиќ не би можел со вас да се сложам, можеби ќе имате можност и со него да поразговарате и тој да даде свое мислење, но јас како мандатар и како иден претседател на владата очекувам од секој член во владата да има исклучиво протатковински, македонски позиции“, нагласи Мицкоски.