Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски денеска остварија средба со амбасадорот на Европската Унија Самуел Жбогар.
На средбата, соопштија од ВМРО – ДПМНЕ, се разговарало за актуелната политички ситуација, стратешките приоритети, како и за реформските процеси кои се клучни за остварување на стратешките цели на државата.
– Наш стратешки интерес и приоритет е членство во Европската унија. Но, изразуваме загриженост бидејќи имаме најслаб резултат во полето на реформите кои што се од суштинско значење за интегрирање на државата во ЕУ, затоа што оваа влада нема капацитет да ги спроведе потребните реформи, рекол Мицкоски, стои во соопштението.
Тој посочил дека Владата и Заев не покажуваат суштински интерес за отстранување на недостатоците поради кои државава не доби датум за преговори, и наместо реформи, подвлекол, гледаме криминал, прогон и закани врз новинарите, опозицијата и сите неистомисленици на власта.
Мицкоски, како што стои во соопштението од ВМРО – ДПМНЕ, истакнал дека политичкиот прогон врз опозицијата е со цел да се дефокусира јавноста од вистинските проблеми со кои се соочуваат граѓаните, криминалните скандали кои се случуваат, како и дека на Македонија и се потребни суштински реформи и функционирање на обвинителскиот и правосудниот систем според начелата на непристрасност и законитост.
– Фрапантна е незаинтересираноста на обвинителството за криминалот на власта, рекол Мицкоски и додал дека подеднакво загрижувачка е и економската состојба на граѓаните кои секојдневно се осиромашуваат од неодговорната влада, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.