Премиерот Христијан Мицкоски заедно со владин тим денеска остварил средба со Синдикатот на здравствените работници.
На средбата, како што информираат од Владата, отворено се разговарало за положбата на докторите и останатиот здравствен персонал.
Станало збор за потребата за зголемување на платите, но и зголемување на учинокот, како и поголема рамномерност во ангажирањето на здравствените кадри.
„Владата ја афирмираше заложбата за почитување на трудот на лекарите и сите здравствени работници, како и потребата за унапредување на условите за работа и поголема достапност на здравствените услуги за граѓаните на кои им е потребна лекарска грижа.
Една од областите која беше наследена каде состојбите се најлоши е токму здравството каде граѓаните имаа бројни забелешки. Основната компонента за враќање на достоинството на медицинската професија е создавање на услови за задоволни лекари и здравствен персонал, и тоа ќе биде приоритет во овој дијалог, како и паралелно инвестирање во здравствени капацитети и опрема. Во тој поглед се реализира проектот за вработување на 600 специјализанти и млади лекари, продолжуваат инвестициите во Штипската болница, како и повеќе инвестициски процеси на повеќе болници од комплексот клиники Мајка Тереза“ велат од Владата.