Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и денеска повика на коалицирање на сите кои, како што рече, сакаат да се придружат на неговиот блок за обединување и промена на власта. Меѓу другото, тој ја спомена Левица, која, како што рече, остава сами да одлучат како ќе постапат.
-Нашата рака е подадена, оставам тие да изберат каква сакаат соработка со блокот. Дали тоа ќе биде во рамки на формална коалиција, дали ќе ги поддржат кандидатите, оставам нека одлучат тие. Протестните гласови, гласовите против коалицијата на власт се во поголем број и се најмалку два пати поголеми од оние кои ја поддржуваат коалицијата на СДСМ. Затоа местото на гласачите на Левица е во најголемата коалиција и ги повикувам да дадат поддршка за да ја направиме Македонија пристојно место за живеење – рече Мицкоски.
Во однос на албанската опозиција, пак, Мицкоски кажа дека во текот на вчерашниот ден разговарал со Африм Гаши и го поканил да биде дел од новото мнозинство во општините каде ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат мнозинство, а за утре најави средба со Зијадин Села.