Мандатарот и иден премиер Христијан Мицкоски денеска во Собранието го поднесе предлогот за составот на новата Влада, каде ќе се опкружи со блиски соработници со кои соработувал во ВМРО-ДПМНЕ за време изминативе опозициски години, а со дел од нив соработувал и додека бил на други ангажмани. Откако партиските органи на ВМРО-ДПМНЕ, но и на коалициските партнери ВЛЕН и ЗНАМ ги потврдија предлозите за идни министри, Мицкоски го достави списокот пред пратениците, кои ќе расправаат во текот на викендот.
–Морам да кажам дека при изборот на кадровскиот потенцијал и решенија за состав на новата влада се водев од принципите за чесност и посветеност, да бидат луѓе кои ќе дадат голема енергија во процесите и целосно ќе се вложат за реализација на амбициозните зацртани цели. Го немаме луксузот да не се успее, ниту пак да се прават репризи на минати владеења каде ќе се загуби врската со единствениот суверен – народот – рече Мицкоски, додавајќи дека очекува максимална заложба и брзи резултати на секое поле.
Така, министер за внатрешни работи повторно ќе биде Панче Тошковски, кој ја вршеше функцијата технички министер во пржинската влада, но се повлече по истекот на нејзиниот изборен мандат. Станува збор за адвокат, кој, како што рече во една прилика, со Мицкоски се познава долго време и дека се знаеле и од партијата и надвор од неа. Тој немал висока функција во партијата, туку ја водеше партиската комисија за правни и статутарни прашања.
Во неговата биографија поднесена до Собранието, меѓу другото, пишува дека има положено испит за проценка на недвижен имот. Додека бил советник во Министерството за транспорт и врски, работел на акти во врска со градежното земјиште и земјишната политика, а таму членувал и во комисии за концесии и јавни наддавања за градежно земјиште. Бил член на одборот на директори на Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор.
Претходно, за функцијата прв човек на МВР се споменуваа повеќе имиња, меѓу кои и она на партискиот потпретседател Александар Николоски, но тој застанува на чело на ресорот транспорт, а ќе биде и вицепремиер. Тој долги години беше републички пратеник, додека по доаѓањето на Мицкоски на чело на ВМРО-ДПМНЕ е партиски потпретседател. На парламентарните избори, ја предводеше пратеничката листа во четвртата изборна единица, каде на претпоследните избори се судри со тогашниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев.
Како што рече Мицкоски, Николоски на оваа позиција доаѓа со „голема амбициозна задача за реализација на многу проекти кои што се од стратешко значење за државата, патно и инфраструктурно поврзување“. Во следниот период треба да се завршат многу веќе започнати инфраструктурни проекти, кои делумно ќе бидат финансирани и со најавената позајмица од милијарда евра. Како што е познато, закочен е автопатот Кичево-Охрид, во застој е железницата кон Бугарија, а интересно е да се види како идната влада ќе се постави кон договорот со „Бехтел-Енка“.
Првично, за иден министер за транспорт циркулираше името на уште еден партиски потпретседател – Владо Мисајловски, но тој завршува на чело на Министерството за одбрана. Иако за него имаше информации дека можно е да стане дел од Македонски телеком, сепак на крај тој ќе остане дел од Владата, но не на чело на некој од ресорите што во минатото ги предводел или бил дел од нивните структури.
Инаку, Мисајловски е поранешен државен секретар во МНР, а токму овој факт го искористи Мицкоски при презентацијата на новиот министер за одбрана, велејќи дека тој „активно работел за исполнување на високите критериуми за членство во НАТО“. Исто така, тој по директорувањето со ЈП за државни патишта стана и министер за транспорт и врски, наследувајќи го Миле Јанакиески, кој беше опфатен во многу кривични предмети и дури деновиве излезе од затвор.
Шеф на дипломатијата, пак, станува актуелниот градоначалник на Аеродром Тимчо Муцунски, кој е професор на Правниот факултет. За време на владеењето на Никола Груевски, тој беше заменик-министер за информатичко општество и администрација, а откако Мицкоски стана партиски лидер стана дел од партиското раководство и партиски секретар за меѓународна соработка.
Многумина беа изненадени кога Муцунски влезе во трка за градоначалник на Аеродром, сметајќи дека со преселбата во локалната самоуправа тој ќе биде дистанциран од идните разврски за извршната власт. Меѓутоа, на крај Муцунски издвои убедлива победа на локалните избори, стана потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и на крај ќе биде нов шеф на дипломатијата.
Ако за претходните ресори имаше дилеми, се чини дека уште во старт се знаеше дека министерка за финансии ќе биде четвртата партиска потпретседателка Гордана Димитриеска-Кочоска, која во изминатиот период во име на ВМРО-ДПМНЕ ги критикуваше економските политики на владата СДСМ и ДУИ. Таа и Мицкоски соработуваат уште во време кога тој беше директор на АД ЕСМ (ЕЛЕМ).
Понатаму, министер за информатичко општество и дигитална трансформација ќе биде Стефан Андоновски, кој беше и дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација. И Андоновски, син на поранешниот директор на УБК Љупчо Андоновски, стана дел врвот на ВМРО-ДПМНЕ по доаѓањето на Мицкоски, кој за него рече дека пред себе амбициозни проекти во областа на информатичкото општество.
Предлог за министер за новоформираното министерство енергетика, рударство и минерални суровини е биде Сања Божиновска, која е експерт за енергетика со работно искуство во странство. Во изминатиот период, таа говореше дека енергетиката е сектор кој се планира долгорочно и изразуваше надеж дека ќе се формира посебно министерство по пример на земјите од регионот и од ЕУ.
Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде експратеникот Цветан Трипуновски, кој во двете пржински влади беше дополнителен заменик министер за земјоделство. Во изминатите години, тој се профилираше како единствен човек во ВМРО-ДПМНЕ кој ја покрива оваа област и немаше дилеми дека ќе го предводи овој ресор, кога веќе беше одлучено тој да остане во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.
Предлог за министер за образование и наука е Весна Јаневска, поранешна пратеничка и актуелна универзитетска професорка која ја водеше Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ. За потсетување, таа порано беше лидер на ВМРО-Народна на Љубчо Георгиевски, но подоцна премина во ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме, беше и претседателка на Пописната комисија кога пописот пропадна и имаше неуспешен обид да стане ректор на УКИМ.
На чело на реформираното министерство за култура и на новоформираното министерство за спорт ќе застанат актерот Зоран Љутков и ракометарот Борко Ристовски. Како што рече Мицкоски, спортот и културата се најголеми промотори на идентитетот на еден народ и држава, поради што од Љутков и Ристовски очекува работа и резултати.
На крајот, министерски позиции се резервирани и за „помалите“ предизборни коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ, така што лидерот на социјалистите Љупчо Димовски ќе вицепремиер и министер за политички систем, Иван Стоилковиќ од партијата на Србите ќе биде вицепремиер и министер задолжен за односите меѓу заедниците, додека Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декада на Роми.
Уште претходно се познати кандидатите за министри на ВЛЕН, од каде Изет Меџити ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија. Станува збор за долгогодишен градоначалник на Чаир и потпретседател на ДУИ. По кавгата со Али Ахмети тој формираше нова партија (Демократско движење), која влезе во сојуз со другите албански опозициски партии.
Министер за здравство, пак, ќе биде Арбен Таравари, се уште актуелен градоначалник на Гостивар. Од денешна перспектива, се покажа стратешки исправна неговата одлука да влезе во конфликт со Зијадин Села и да му се приклучи на ВЛЕН, бидејќи Таравари ќе биде владин министер, а Села останува опозициски соработник на поголемиот брат во Европскиот фронт – ДУИ.
Од редовите на ВЛЕН, министер за труд, демографија и млади ќе биде Фатмир Лимани, познат како роднина на Ахмети, кој влезе во конфликт со лидерот на ДУИ откако не доби доверба да биде кандидат за градоначалник на Кичево. Поради тоа, премина во БЕСА на Биљал Касами, од каде ќе имаат уште еден министер. Тоа е Бесарт Дуршими, кој ќе раководи со ресорот економија…
Што се однесува до најмалиот партнер во власта – ЗНАМ, Игор Филков ќе биде министер за правда, а Горан Минчев за администрација. Од нив двајца, многу попознат е Минчев, кој своевремено беше генерален секретар на СДСМ. Тој секогаш важел за близок човек на Бранко Црвенковски, кој своевремено го замрзна членството во СДСМ по фамозното интервју на Заев за БГНЕС.
–Очекувам бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата од секаков вид, не само политички, за политичкиот несакам ни да зборувам. Нема да има толерирање без разлика од која политичка партија доаѓа каква било злоупотреба и овластување на кое било именувано лице, доколку истото биде дел од какви било криминални или коруптивни скандали за кои постојат докази, се разбира – изјави денес Мицкоски.
Идните министри ќе минат партиски филтер, па ќе стигнат во Собрание: Како ќе изгледа новата Влада?
Влатко Стојановски