Јас се борам да бидам премиер на Република Македонија, онаа во која е роден мојот татко, во која се родија моите деца и во која ќе продолжам да ја градам нашата заедничка иднина, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервјуто за сајтот Магазин.
-И ова е мое право исто како што е право на секој еден граѓанин. И ВМРО-ДПМНЕ за тоа се бори. Не заборавајте дека оној кој прифатил и го брани тоа да нема повеќе македонско новинарство или македонски медиуми, да нема МАНУ туку академија на науките на Северна Македонија или фудбалска репрезентација на Северна Македонија, има име и презиме и се вика Зоран Заев, тоа треба да е јасно на секој еден граѓанин. Некако преку инсталациите и механизмите на власта целата таа негативна енергија што постои кај обичниот човек сака да се префрли на ВМРО-ДПМНЕ само за да избегаат од одговорноста, но тоа така не оди и нема да успее. Тоа нема да го направи помалку неуспешен Зоран Заев, ниту владата, вели Мицкоски.