Со Македонија управува триото Ахмети, Груби и Османи, тоа мора да престане најпрво на 24 април, а потоа на 8 мај, истакна вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Со Македонија управува ДУИ, по принципот како од сега. А овие измеќарите од СДСМ партија која во раните 90тите беше голема, партија која што можеби држеше во некоја мера до своето достоинство денеска се претвори во еден обичен измеќар на триото Ахмети, Груби и Османи. Принципот на владеење со Македонија како до сега подразбира Артан Груби како вицепремиер и неговото семејство да стекнува се поголем имот во центрите на големите населени места во Македонија. Бујар Османи како министер за надворешни работи да продолжи да ја распродава и омаловажува и понижува Македонија и да го дели македонскиот идентитет каде стигне и кому стигне, небаре го наследил од неговите предци. И конечно на крај главниот во оваа приказна како до сега Али Ахмети да го гледаме во неговиот вилает, неговите хациенди во Зајас како ужива како некој блискоисточен шејк од таму управувајќи со Македонија. Тоа мора да престане. Мора да кажеме доста е, ова мора да престане најпрво на 24 април, а потоа и на 8 мај, порача Мицкоски.
Тој додаде дека Пендаровски има страв затоа што за неколку недели од денеска ќе ги отвориле тефтерите и ќе виделе што правеле 6 и пол години.
-Пендаровски има страв затоа што за неколку недели од денеска ќе ги отвориме тефтерите, ќе ги ослободиме институциите и ќе видиме што е тоа што го правеа овие 6 и пол години. Дали тоа што го збори Стево дека тој барем не крадел за разлика од сите останати, е навистина така или не е така. Има страв Стево и до него блиските затоа што треба сметките да се срамнат, треба одговорноста да дојде, за бадијала им се промените на челновите во кривичниот законик, за бадијала, кажа Мицкоски и им порача дека ќе одговараат после 8 мај за сето она кое што го направија на народот и го опљачкаа, рече Мицкоски.