Мицкоски: Резолуцијата што ја донесе Германија не е ни пет отсто од она што го заслужува овој народ

by Fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го поздрави чекорот на Германскиот парламент, кој синожа донесе резолуција со која се потврдува македонскиот јазик и идентитет и рече дека очекува такви резолуции и од други стратешки партнери. Тој побтори дека со актуелните услови преговорите за влез на Македонија во Европската унија би се воделе под бугарски диктат.

„Очекуваме такви резолуции и од други наши стратешки партнери во периодот што следува, но тоа не е ни пет проценти од она што овој народ го заслужува, а овој народ заслужува фер шанса каква што имале сите народи што пристапуваат кон ЕУ, а тоа е без условување, без отстапки по националниот идентитет“, изјави Мицкоски.

По ова следеше реакција од СДСМ кои сметаат дека ВМРО-ДПМНе прави само блокади на европските интеграции.

„За жал ДПМНЕ освен блокади не направија ништо ниту за македонскиот идентитет и јазик, ниту пак за оваа резолуција. ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат за тоа. Особено што нивни сестрински партии во Бундестагот гласаа против Резолуцијата за потврда на македонскиот јазик, култура и посебност“, изјави пратеникот Дарко Каевски од СДСМ.

Доцна синоќа германскиот Бундестаг  усвои Резолуција која ги поддржа македонскиот идентитет, јазик, култура и историја во пристапниот процес кон Европската Унија. Текстот го образложи германската државна министерка за Европа, Ана Лирман која рече дека промената на Уставот не го загрозува македонскиот идентитет, туку го зајакнува мултиетничкиот карактер на државата.

„Повторно ќе отпатувам кратко во Скопје за четврти пат со колеги од Франција и Полска. Заедно ќе ги охрабриме за уставните измени чие усвојување е услов за земјата да го продолжи својот пат кон членство во Европската Унија“, изјави Лирман.

За резолуцијата во германскиот парламет гласаа сите владејачи партии, а беа против опозициските, меѓу кои и сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ. Дел од германските пратеници, од партијата на Ангела Меркел, рекоа дека не треба да се носат врезолуции посебно за секоја држава, туку да се однесува на европската иднина на целиот Западен Балкан.

 

Поврзани новости