Мицкоски: Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ е платформа за поврзување на регионот со светот

by Fokus

Овој настан е доказ за моќта на соработката, визијата и посветеноста што нашите земји ја имаат кон унапредувањето на економските врски, културната размена и туристичката промоција. Регионалната иницијатива создава можности што го поврзуваат нашиот регион со светот и токму оваа платформа е пример како традицијата и иновацијата можат да одат рака под рака, порача попладнево премиерот Христијан Мицкоски, на отворањето на меѓународниот саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград.

Виното, посочи премиерот, како културно наследство на овој дел од Европа, е многу повеќе од производ – тоа е симбол на нашата историја, земја и труд, но и мост меѓу луѓето, градејќи разбирање и пријателства.

Горд сум што денес, овде во Белград, можеме да ги претставиме достигнувањата на македонската винска индустрија која без сомнение се вбројува помеѓу најразвиените во регионот. Македонија има повеќе од 28.000 хектари лозови насади, а годишно произведуваме околу 100 милиони литри вино, од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот. Нашите лозја, кои се простираат низ региони како Тиквеш, Повардарие и Пелагонија, се меѓу најсончевите во Европа, со над 270 сончеви денови годишно, што придонесува за квалитетот на грозјето. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се вранец и станушина, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена, рече премиерот Мицкоски.

Потенцираше дека во споредба со соседните земји, Македонија се издвојува по балансот меѓу количината и квалитетот на произведеното вино.

– Според податоците, 50 проценти од произведеното македонско вино е со ознака за географско потекло, што ја истакнува нашата посветеност на врвниот квалитет. Дополнително, секторот за вино придонесува со 3 отсто од вкупниот БДП на земјата, обезбедувајќи работа за над 20.000 луѓе, од лозарите до винарите и извозниците. Со ова, Македонија станува водечки извозник на вино во регионот според бројот на литри по глава на жител, рече Мицкоски.
Изрази надеж дека овој настан ќе ја зајакне нашата винска индустрија и ќе отвори нови пазари и можности за сите учесници.

Саемот „Wine Vision by Open Balkan“ не е само место за изложување и дегустација, туку и форум за дискусија, образование и соработка што ќе донесе долгорочни придобивки. Сигурен сум дека заедничкиот успех што ќе го споделиме овде ќе биде само почеток на уште поголеми достигнувања во иднина, дополни премиерот.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја поздрави иницијативата истакнувајќи дека е важно да се поврзуваме и сподели дека е горд на сите што се вклучени во организацијата, додека премиерот на Република Албанија, Еди Рама, во видео обраќање истакна дека платформата е добар начин за спојување и презентација на најдоброто од земјите.

– Албанија е горда за придонесот во овој регион. Веруваме дека заедно со соседите од Балканот можеме да постигнеме повеќе, отколку сами, рече Рама.

Поврзани новости