Премиерот Христијан Мицкоски вели дека сега располагаат со дополнителни информации околу планот на ДУИ за дестабилизација. Според него, партијата се обидува да анимира критична маса во соседството која би ги поддржала на тие протести, но Мицкоски вели дека доколку има насилство, државата и институциите ќе одговорат соодветно за да го заштитат територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија.
„Тоа е наша обврска и тоа ќе го сториме. Имаме план, имаме некои информации кои не би сакал јавно да ги споделувам, ги имаме лоцирано луѓето кои заговараат ваков тип на сценарија. Нивната сметка, што јавна што тајна, е со повеќе од седум цифри во евра и нормално дека сакаат таа сметка да ја заштитат со манипулирање со чувствата на граѓаните. Но јас верувам во моите сограѓани Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Бошњаци, Роми дека ние сите сакаме да живееме во една мирна заедничка просперитена татковина и да ги поддржуваме политиките кои носат просперитет, а не политиките кои носат криминалитет“, соопшти Мицкоски.
Тој обвини дека ДУИ како партија станала фактор за дестабилизација во регионот и во Македонија, и порача дека како Влада ќе се борат против политички криминалци и измамници оти во земјава мора да владее правото и Македонија да биде правна држава.