Мицкоски призна дека трговците ги изиграле со поскапување на одредени продукти : Срамота е ова што го прават пред празници

by Fokus

По реакциите на граѓаните дека цените се поскапени и новогодишната кошничка направи контраефект за што пишуваше и „Фокус“, премиерот Христијан Мицкоски апелираше до трговците да го преиспитаат своето однесување во однос на цените на прехранбените производи.
Тој најави дека ќе побара од Пазарниот инспекторат вонредна инспекција со цел да се утврди како цената на одредени основни производи е зголемена во изминатите 30 дена.

– На седница на Влада ќе побарам робусна, жестока акција од Пазарниот инспекторат затоа што добивам информации дека некои од маркетите шпекулираат и се служат со трикови. Јас со трикови не функционирам и тие што мислат дека ќе функционираат со трикови, се лажат. Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го прават со драматично зголемување на некои други призводи како маслото, лебот, јајца, брашно…. Жестоко ќе се спротивставиме со оние што мислат дека не надмудриле. Срамота е ова што го прават пред празниците што доаѓаат. Сакавме да покажеме добра волја, а видете како враќаат. Ова не е коректно и денеска од страна на министерот за економија и труд ќе побарам вонредна инспекција и ова девијатно однесување да престане, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на спортска сала во населено место Црешово во општина Гази Баба.

Најголем дел од производите во маркетите се намалени во рамки на акцијата „Новогодишна кошничка“ која ја спроведува Владата по предлог на бизнисот, но не се намалени и основните производи како зејтинот, шеќерот и јајцата, односно акцијата на Владата на предлог на бизнисот даде контраефект: најважните основни производи добија повисоки цени.

Во неколку маркети во Скопје граѓаните ги споредуваа цените од производ до производ и коментираа дека не очекувале вакви цени. Еден литар зејтин кон крајот на октомври и почетокот на ноември беше 73 денари, потоа просторот без владина акција го искористија добавувачите и цената скокна на 92 денари. Сега, за само една недела откако почна акцијата „Новогодишна кошничка“ се покачи на 97 денари.

Тоа се должи на фактот што во оваа акција владата е само логистичка поддршка и реши да му остави на бизнисот, односно на супермаркетите, производителите и дистрибутерите да одлучат кои цени да ги намалат. Тоа значи поевтини цени, но не на најосновните намирници, туку на оние производи кои можат да се најдат на празнична трпеза.

Пакување со 15 јајца во скопски супермаркет кое од 105 скокна на 130 денари пред неполн месец, сега е намалено на 110 денари и тоа е всушност зголемување, а не покачување, велат граѓаните во маркетите.

– Еве барам јајца, но тие се иста цена, 92 денари за пакување од десет јајца. Пред само две недели јајцата од истиот производител беа 77 денари. Шеќерот останаа иста цена 44 денари, лебот 33, а зејтинот е близу 90 денари. Ниту еден од нив не е обележан со акцијата „новогодишна кошница“, а тие најмногу ги користиме. Скапо е многу, џабе се овие мерки, кога парите и пензиите се тие што е. Не се доволни, ни рече постара госпоѓа утрово пазарејќи во маркет во скопска населба.

Дека ова е мерка на бизнисот се согласија и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши и заменик-министерот Марјан Ристески.

– Оваа мерка произлегува од бизнисот, а не од Владата и оваа мерка е да намалат производите за новогодишните празници. Државниот пазарен инспекторат за сите оние аномалии кои ги има, ќе може да врши контроли на терен и ќе пишува казни. Попустот се одредува врз основа на најниската цена во последните 30 дена. Новата цена и старата цена мора да бидат транспарентно со назнака дека производот е дел од кошницата. На страната се објавени сите производи кои компаниите ги понудиле на граѓаните – истакна министерот Дурмиши.

Во новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.

Државниот завод за статистика објави дека трошоците на животот во ноември годинава, во однос на ноември лани, бележат зголемување од 4,3 проценти, а цените на мало од 4 проценти.

Орце Костов

Поврзани новости