Премиерот Христиан Мицкоски во гостувањето во емисијата Топ Тема на ТВ Телма се осврна на средствата од Европската Унија кои се предвидуваат за Македонија во планот за раст и истакна дека министрите Муртезани, Муцунски, Божиновска, Андоновски, Кочовска Димитриевска и Николоски за две недели го имаат завршено досието на државата, нешто кое што претходната власт две години не го направила.
„Имавме проблем со некои од обврските за кои знаевме дека не можеме да ги исполниме. Нашето досие е затворено и чекаме сега одобрување од страна на Европската комисија, затоа што дел од проектите кои ги преземала претходната влада, на памет не ми паѓа да продолжам да ги реализирам. На памет не ми паѓа како премиер на оваа влада да потрошам 550 милиони евра за пруга која завршува во слепа улица на половина тунел, без предвидлива иднина како ќе биде понатаму до Црното Море, на основа на црвен фидик, што значи со пенали може да дојде до 750 милиони евра.“, истакна премиерот Мицкоски.
„Ги замолувам тие пари да ги потрошиме во модернизација на пругата на коридорот 10 и возовите наместо 30 на час да возат 100 на час и наместо три пати да биде намален буџетот на јавното претпријатие Македонски железници – Инфраструктура, да може три пати да биде зголемен и наместо после две години прв пат да имаме една оперативна локомотива, да купиме 5 нови и да имаме повеќе композиции на вагони кои ќе поминуваат во државата.“, рече Мицкоски и дополни дека очекува со вакви средства да се финансира интерконекторот со Грција наместо да се бара ретендерирање или пролонгирање бидејќи тоа може само да ја поскапи цената на чинење.