Мицкоски предлага: Здравјето на граѓаните нема цена, пописот да се одложи за 2022 година

by Fokus

Денеска практично ја отпочнуваме иницијативата формално со која што ќе го доставиме и законот во рамките на Собранието до спикерот на парламентот со кој што ќе побараме да биде укинат Законот за попис кој што беше донесен без консензус и без би рекол елементарно почитување на здравјето на граѓаните во услови на тешка пандемија кога за жал властите не успеваат да се снајдат со истата, а Македонија е закована убедливо на дното или на врвот, како сакате наречете го тоа по бројот на лицата кои што се инфицирани и по бројот на луѓето кои што за жал го загубија животот поради неспособноста на власта, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Сведоци сме дека голем број на држави во регионот како што се нашиот сосед Бугарија, нашиот сосед Србија, од поблиското опкружување гледаме Хрватска, Романија, Сојузна Република Германија, водејќи сметка и грижејќи се за здравјето на граѓаните одлучија да го одложат пописот кој што беше планиран да се случи оваа 2021 година за есента или за пролета 2022 година или есента 2021 година.

Бидејќи кај нас пописот е невозможно да се случи есента 2021 година поради локалните избори и кампањата која што тогаш ќе се случува, апелираме до владата на разум, апелираме до собранието на разум да се грижат за здравјето на граѓаните и да го одложат пописот за пролета 2022 година. Ништо нема да промени доколку неколку месеци пописот биде одложен, наместо овој кој што е планиран во април 2021 година.

Гледаме дека воопшто не се ни направени пописните тимови, ниту пак обучувачите на истите пописни тимови, имајќи ги предвид пандемските услови во кои што државата се наоѓа и невозможно е истите да бидат обучени а притоа да биде заштитено практично здравјето на тие луѓе кои што ќе бидат дел од тие пописни тимови.

Да потсетам, станува збор за илјадници наши сограѓани чие што здравје владата директно го изложува и ги загрозува нивните животи.

Немаме вакцини со што би ги заштитиле тие луѓе, слушаме дека првите вакцини кои што евентуално би пристигнале во државата во една скромна количина во Македонија се некаде на почетокот на месец март. Еве помина и јануари, ќе помине претпоставувам и февруари, а ние остануваме заковани убедливо на дното и нема начин како тие луѓе кои што утре ќе ни тропнат на нашата врата да ги имунизираме и да бидеме сигурни дека нашето здравје, но и здравјето на околината ќе бидат заштитени, бидејќи за жал вакцини нема и покрај тоа што опозицијата прави се во парламентот да  им овозможи на надлежните еднашка да си ја завршат работата за која што се платени. Да не мислат на провизии, да не мислат на лоповлук, да не мислат на криминал“, додава првиот човек на опозицијата.

Поврзани новости