Имаме информации добиени по повеќе канали дека ова раководство на ДУИ, во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години, ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата оваа есен, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Оваа изјава тој ја даде на денешната прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти, откако беше прашан дали може да открие повеќе детали за информациите што ги изнесе во интервју за „Фокус“, во кое рече дека ДУИ со своето однесување ја загрозува интеретничката слика и претставува закана по мирот и стабилноста на државата.
–Ние како Влада имаме полно право да го браниме територијалниот суверенитет и интегритетот и мирот на граѓаните. Тоа е и целта на една држава. Врз основа на тие информации што ги имаме очекуваме тоа да се случи оваа есен. Да почекаме времето да даде одговор, дали тие информации ќе се потврдат или нема да бидат точни – рече Мицкоски.
Прашан што се смени во ставот на ВМРО-ДПМНЕ за конструктивноста на ДУИ, откако ги поддржа законските измени за реорганизација на државната управа, пак, тој вели секоја конструктивност во насока на подобрување на условите за живот е добредојдена, но воедно истакнува дека Владата е должна да ги сподели информациите за „потенцијалното девијантно однесување на групи или политички партии“.
Во интервјуто за неделникот „Фокус“, Мицкоски, говорејќи за иницијативите на ДУИ за озаконување на правилото „победник со победник“ и територијална реорганизација по белгиски модел, посочи дека не ја исклучува можноста одредни групи и структури да бидат несвесно изманипулирани, а тоа, според него, може да го предизвика територијалниот интегритет и суверенитет, односно да создадат криза.
–Со ова неодговорно однесување, ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава. И, ние ќе ги преземеме сите неопходни мерки како влада, за да го заштитиме суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава. Но, во суштина, овие пораки се обид грчевито да се брани богатството стекнато во изминативе 20 години на власт.
И тоа е факт, затоа што демократијата подразбира тој што има мнозинство во парламент да има и влада. Ниту на Балканот, ниту на Европа ѝ е потребен уште еден конфликт. Состојбата со Косово гледаме како се развива, Босна и Херцеговина, да не зборувам за војната во Украина… – рече тој.
Според него, начинот на кој функционира демократијата, не оди заедно со „победник со победник“, зашто, како што нагласува, во политиката не може малку со едните, малку со другите, особено не во ситуација на дијаметрално различни платформи.
–Не може 7 години да бидете во влада со СДСМ и да речете – тоа веќе не важи и сега ќе одам со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа така не може! Вие сте го избрале вашиот коалициски партнер и врз основа на програма сте функционирале, без разлика каква била таа. Таа била владина програма, таа влада е поразена, делегитимирана и тука завршува целокупниот процес.
ДУИ со коалицијата и СДСМ заедно освоија помалку од 300 илјади гласови. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија близу 450 илјади гласови, а заедно со ВЛЕН и ЗНАМ повеќе од 600 илјади. Јасна е волјата на народот. Во таква нова политичка реалност, во име на парламентарната демократија, поразените треба да одат во опозиција, а победникот ја создава структурата на идната влада – рече премиерот за „Фокус“.
Влатко Стојановски