Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на телевизија Алсат рече дека не е точно дека има комуникација со Никола Груевски и дека повеќе комуникација има со Георгиевски.
-Не, немам комуникација со Груевски. Да бидам искрен, повеќе комуникација имам со првиот претседател Љупчо Георгиевски. Зошто се чудам, зошто критичарите него не го спомнуваат. Црната кампања е полна со невистини, лаги, невистини, рече Мицкоски.
Што се однесува до внатрепартиските избори во ВМРО-ДПМНЕ, вели дека внатрешната демократија во ВМРО-ДПМНЕ никогаш не била доведена во прашање.
-Секој оној кој ќе ги исполни условите според Статутот, до самиот ден на Конгресот може да поднесе кандидатура. Јас ги охрабрувам сите кои сакаат, да поднесат кандидатура.
Не велам дека е совршено, има простор за напредок. Со новиот Статут направивме голем исчекор во однос на внатрешната демократија, рече Мицкоски.