Ставот на Владата е дека во Македонија постои една Академија на науките и уметностите и на академиците од различни етнички заедници, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој нагласи дека таков буџет со етницитет советниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат во рамките на советите.
„Како што слушам во медиумите, тоа е здружение на граѓани. Не би сакал парите на граѓаните да се трошат за невладини организации, туку за инфраструктурни проекти, како нови училишта, градинки, булевари, спортски сали, паркови и да се креираат услови за младите и Македонци и Албанци и други што ја напуштија државата, да се вратат назад“, рече Мицкоски.
Посочи дека не би сакал да разговара за теми што поларизираат или етнизираат.
Градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир, од редовите на коалицијата „Вреди“, вчера најавија финансиска поддршка за Здружението на граѓани „Академско здружение за науки и уметности на Албанците“.