Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното интервју на тв Сител рече дека на вчерашната лидерска средба со Димитар Ковачевски понудил три датуми за избори оваа есен или широка влада, како и заштитен идентитет и брза интеграција во Европската унија.
„Му го кажав мојот предлог за избори кои би се случувале оваа есен, како три можни датуми ги предложив 24 септември, први или осми октомври. Да одиме на избори, тој кој што ќе биде поразен да го поддржува победникот во одбрана на националните интереси. Значи да бараме гаранција за многу вековниот македонски идентитет, култура, традиција, посебност, обичај и јазик од Европскиот совет и преземав обврска преку премиери на земји членки таа точка да ја ставиме на дневен ред. И бидејќи сите велиме никој нема против македонскиот идентитет тогаш нема причина зошто таа точка да не биде на дневен ред и да се добие таков документ со кој што ќе се добие документ со кој што ќе биде потврда на македонскиот идентитет, од страна на највисокото европско тело, а тоа е Европскиот совет, каде што членуваат шефови на влади и држави од земји членки на Европска Унија. А од друга страна ќе ги видиме вистинските намери на нашиот источен сосед, дали е идентитетот проблем или не е“ – рече Мицкоски.