Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати честитка до граѓаните по повод празникот Богојавление Водици.
„Денес сме соочени со пад на вредносните принципи, особено на полето на политиката и кај оние кои ја практикуваат власта. Сведоци сме дека оние кои што се во највисоките структури на власта се личности на кои ништо не им е свето и кои се водат само од бизнис и материјални интереси. Таквите личности се изворот на криминалот и корупцијата кои ја осиромашуваат Македонија и кои ги прават граѓаните се повеќе апатични и безнадежни. Целта на овие луѓе во власта е да ја осиромашат Македонија и духовно, да ја убијат надежта на народот и така да владеат со понижен и скршен народ.
Но традицијата и историјата на овие простори покажале дека доброто секогаш победувало. Народот секогаш знаел да се издигне и да ги победи сите предизвици и проблеми со сплотеност и заеднички сили, затоа што можел да се обедини околу интересот на државата и на граѓаните. Јас верувам во нескршливиот дух на овој народ, јас верувам дека силата и волјата на граѓаните ќе ја донесат новата надеж за подобра иднина.
Нека големиот празник Богојавление – Водици ги обедини граѓаните и нека им даде поголем мотив за борба за подобра иднина“, стои во честитката на Мицкоски.