Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната прес конференција побара премиерот Зоран Заев да се повлече. Што се однесува до ново парламентарно мнозинство, рече дека времето ќе покаже.
-Овие избори ги делегитимираа сите политики на власта. Во однос на ново парламентарно мнозинство, најдобро е времето да покаже. Што понатаму? Мислам дека најдобро би било да се распишат предвремени парламентарни избори. За да има предвремени избори, треба да има мнозинство и во Парламентот. Оставете времето да покаже и да ги реши дилемите. Една од тие дилеми е и кога ќе бидат предвремените избори. А, ќе бидат многу скоро.
Сакам да се обратам до Зоран Заев. Сакам да го замолам да размисли добро што ќе бидат следните чекори. Да се надмине себеси и да го направи најдобрато за Македонија. Да ја разбере пораката на граѓаните, а тоа е дека е доста и дека треба да замине. Нема повеќе место за криминал. Би сакам да испратам порака и до оние 30тина луѓе во СДСМ кои ја имаат окопирано Македонија. Не треба само Заев да си оди, туку и заевизмот.
Нема да ве разочарам, затоа што вашата болка е и моја болка. Заеднички патриотизам и нови победи, рече Мицкоски.