Мицкоски по средбата со банкарската асоцијација: Се доближуваат ставовите околу каматата за унгарскиот заем

by Фокус

Премиерот Христијан Мицкоски денеска по средбата со Македонската банкарска асоцијација на која се прецизраа условите под кои бизнис-секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем рече дека е изразена волја од двете страни за доближување на ставовите.

-Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и очекувам дека до крајот на следата недела, во втората половина веќе би имале некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова и конечно да почнеме сето ова да го аплицираме и да се пренесе на стопанството. Во моментов се доближуваат ставовите. Не би зборувал сега за проценти, би зборувал повеќе за изразена волја од двете страни за доближување на ставовите – рече Мицкоски.

Според него, целта е каматата која ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска, за да може стопанството да добие пониска камата.

-Сега, реално има трошоци што ги имаат банките, но да видиме што може од тие трошоци да се намали, зависи тука и од политиките на централната банка. Затоа велам, да не зборуваме се уште за проценти, да ги доближиме ставовите, и тогаш официјално ќе излеземе со позиција – рече Мицкоски.

Тој повтори дека со банкарите разговарал околу средствата што се дел од заемот од унгарската Влада.

-Би го поделил состанокот во три дела – првиот дел е оној дел што се однесуваше во делот на рочноста, времетраењето и слично, вториот дел е желбата да се учествува во проектот и третиот дел е поврзан со каматната стапка. Во делот во кој сакаат да учествуваат како Македонска банкарска асоцијација е несомнен, и сите изразија желба и подготвеност да бидат дел од овој процес.

Во делот на рочноста земавме заеднички став дека во зависност од барањата на клиентите ќе ја користиме формулацијата до три години грејс период и до 15 години рок на отплата, бидејќи членките кажаа имаат одделни клиенти коишто сакаат можеби и пократок рок итн, затоа велиме до три години и до 15 години рок на отплата – рече Мицкоски.

Поврзани новости