Мицкоски: „Пановски“ и натаму ќе добива тендери на Онкологија, но веќе нема да се земаат лекови на реверс

by Fokus

Проблемот со недостатокот на лекови на Клиниката за онкологија е решен за рекордно време, нема да се повтори во иднина и по првпат нема да се земаат лекови на реверси, без контрола и со избор на преферирани веледрогерии – вели премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

На прашањето зошто власта не е спремна да преземе одговорност за актуелната ситуација на Онкологија со оглед на тоа што има министер, директор на ФЗО и директор на Клиниката, а дел од пациентите останаа без биолошка терапија, Мицкоски вели дека скандалите датираат од поодамна.

„Најчесно ќе беше да продолжиме со принципот како досега, односно омилената веледрогерија на претходната влада, да ја негуваме и третираме, како што тоа го правеше претходната влада, да добиваме лекарства на реверс кои ќе ги плаќаме 3-4 пати повеќе, без соодветна тендерска процедура, па сето тоа потоа да се враќа, надградува и додава, или да спроведеме нормална законска тендерска процедура во којашто снабдувачите ќе обезбедат ваков тип лекови за пациентите и тоа го правиме“, вели премиерот.

На прашањето како тогаш и актуелното раководство на Клиниката склучило договор со веледрогеријата „Пановски“, посочувана од ВМРО-ДПМНЕ како омилена на претходната влада, Мицкоски вели дека разликата е во тоа што сега нема земање лекови на реверс. Но, најави дека и во иднина веледрогеријата „Пановски“ ќе набавува лекови за Онкологија затоа што таа соработува со светска компанија која е производител на тие лекови за онколошките пациенти.

– И претпоставувам во иднина ќе има такви договори. Затоа што таа веледогерија соработува со светска компанија која е производител на дел од тие лекови коишто се аплицираат на пациентите. И природно е во иднина истата веледрогерија, се додека соработува со таа светска компанија, да не го кажувам името, станува збор за една од врвните пет компании во светот, кога ќе има јавни набавки, претпоставувам, да се јавува и да добива, но разликата е што сега повеќе нема реверси. Разликата е што сега има јасна контрола на вијалите кои се аплицираат – каде, колку и на кои пациенти се аплицираат, одговори Мицкоски.

Поврзани новости