Премиерот Христијан Мицкоски рече дека оставката на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева не треба да биде исклучок, туку правило во иднина. Според него, секој што нема да ја оправда довербата кај граѓаните треба да замине.
„Мислам дека овој процес треба да биде динамичен, односно секој оној кој нема да ги исполни очекувањата треба да биде чесен и да замине без разлика каква е неговата улога во општеството. Ценам дека овој Судски совет и судството и обвинителството заедно, со оваа доверба што ја имаат кај граѓаните, не успеаа. И ова не треба да биде исклучок, ова треба да биде правило во иднина. Дека секој оној кој нема да ја оправда довербата кај граѓаните треба да замине без разлика која улога ја има. Очекувам малку поголем фокус да имаат во справувањето со криминалот и корупцијата, но тоа пред се важи за обвинителите кои сред акции, кога треба да потпишат налог за претрес или приведување добиваат главоболки, температура, анксиозност дијареа, рече Мицкоски.
На прашањето за одлуката на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски за реорганизација на силите во Обвинителството со цел поефикасен прогон во случаи на криминал и корупција, Мицкоски рече дека не би сакал да го коментира државниот обвинител. Тој нагласи дека и покрај тоа што власта има комотно мнозинство за негова смена, нема да постапува како претходните власти, бидејќи сака да му дадe шанса на процесот.
Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски завчера во соопштение до јавноста, по апелите од власта дека не се сработени стотици пријави во Обвинителството соопшти дека презема чекори за сериозна реорганизација на силите Јавното обвинителство која овозможува поефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела особено од областа на финансискиот криминал и корупцијата.
Тој донесе задолжително упатство со кое се задолжуваат сите јавни обвинители итно да дадат приоритет во постапувањето по предметите за кривични дела од областа на корупцијата и од особен јавен интерес.