Мицкоски од видеоконференцијата на ЕПП: Aпелирам да не се кочи и да се забрза процесот на интеграција во ЕУ

by Frosina Fakova

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска учествуваше на Самитот на лидери на ЕПП во чиј фокус е Западниот Балкан од кој дел е и Македонија. Мицкоски во своето онлајн обраќање му се заблагодарил на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за поддршката која ја дава за проширувањето на Унијата, но и на претседателот на ЕПП, Доналд Туск со чија поддршка е организиран овој самит со фокус на нашиот регион.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рекол дека новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ е спремна да ја стави земјава на брзата трака за членство во Европската Унија фокусирајќи се на клучните проблеми на државата за кои се потребни суштински решенија.

-Во оваа смисла разбираме дека мора да ги завршиме домашните задачи. Ова значи справување со корупцијата на високо ниво, воспоставување функционален систем на владеење на правото, одговорност и зајакнување на нашиот политички и судски систем, така што тој ќе биде транспарентен и ќе обезбеди рамка со која се дава правна сигурност. Ова може да се постигне и следната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се посвети на овие принципи, рекол тој.

Мицкоски побарал да се забрза процесот на интеграција на Македонија во Унијата, и оценувањето на нашиот напредок да се базира на стандардите, вредностите и принципите на ЕУ.

Поврзани новости