Уште од првиот митинг во Охрид, кој го одржавме на 24 јуни се чувствува победничка енергија како се буди оној пиреј во секој еден наш сограѓанин. Затоа убеден сум во мудроста на моите сограѓани, во одлучноста на моите пријатели дека на 15 јули ќе го изберат десниот пат, ќе го поддржат ВМРО ДПМНЕ и ќе ја поддржат Коалицијата за Обнова на Македонија, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на средбата со граѓаните во струмичко Василево.
Тој додаде дека кога неговиот политички противник, Зоран Заев ќе дојде тука ќе се изнаслушаат многу лаги и невистини, а ќе ја каже и најновата лага дека просечната плата нема да е 30 илјади денари, туку 34 илјади денари.
-Можеа да го подобрат стандардот на граѓаните, само требаше повеќе да работат, наместо да крадат. Можеа навистина да ги донесат и „Гугл“ и „Фејсбук“ и сите оние инвестиции кои практично ги најавува заедно со оној автомобилски гигант, но за жал и тие што ги наследија од претходната влада не успееја да ги задржат, туку домаќини на тие инвестиции се нашите соседни држави, а ние останавме без дополнителни инвестиции, без дополнителни пари за граѓаните, без дополнителни работни места, рече Мицкоски кој го обвини СДСМ дека во оваа кампања го користи нивното лого од локалните избори во 2009 година.
Тој зборуваше и за неправдите кои ги донела владеачката партија, како што рече со обезличувањето на државата, со откажувањето од историјата, со откажувањето од идентитетот, со откажувањето од културата, од народните обичаи и за нив можел да зборува до рано наутро.
Претставувајќи ја програмата со која неговата партија настапува на претстојните избори, претседателот на ВМРО ДПМНЕ рече дека таа е подготвена многу внимателно со сите структури на партијата и експерти, но и граѓаните.
-Таму ќе најдете повеќе од илјади проекти, повеќе од илјада политики. Таму ќе најдете како до поголеми пензии, најмалку 20 проценти поголеми пензии од тоа што е денес, враќање на старото законско решение кога пензијата растеше два пати годишно, а не како што тоа денес се случува кога едно покачување добија пензионерите поредизборно мислејќи дека изборите ќе се случат во април.Таму ќе најдете намален данок на додадена вредност за угостителите и хотелиерите, оние кои што се најпогодени од вирусот ковид-19, од 18 на 10 проценти заклучно со 2021 година, таму ќе најдете како да дојдеме до бесплатна партиципација на државните универзитети за студентите за учебната 2020/2021 година и најмалку еден универзитет во првите илјада во светот, Македонија да биде извозник на знаење, а не да биде извозник на високо образован кадар, потенцира Мицкоски.