Во рамките на посетата на Вашингтон САД, претседателот на Владата оствари повеќе средби и состаноци.
Премиерот Мицкоски оствари продуктивна и пријателска средба со конгресменот Брендaн Бојл. Разговараа за приоритетите на НАТО алијансата и важноста да се зачува демократијата и мирот. На средбата се промовираа економските можности и потенцијали кои ги нуди државата, како и одлучната битка против корупцијата и криминалот што е и клучна определба на новата влада.
Претседателот на Владата Мицкоски имаше и работна средба со претседателката на NDI, Тамара Кофман Витес со која разговараа за демократските процеси во државата.
„Еден од најакутните проблеми е корупцијата за што како нова Влада работиме интензивно за нејзино искоренување, што подразбира и одговорност за престапниците на законот. Очекувањата на граѓаните не смееме да ги изневериме, да работиме на воспоставување на механизми каде граѓанинот ќе биде заштитен исто како и неговите интереси. Завршува времето на лаги, неспособност и не работа. Почнува време на реформи, инвестиции, дигитална трансформација. Мораме да дадеме добар пример за сите во изнаоѓање на пат до подобар животен стандард и сигурна држава која припаѓа на сите граѓани“, подвлече на средбата Мицкоски.
Тој имаше средба и со поранешниот амбасадор на САД во земјава Филип Рикер. Разговараа за предизвиците со кои се соочува државата, како и поддршката која е потребна за остварување на стратешките интереси.
Мицкоски разговарал и за потенцијалот кој го нуди регионот за економска и политичка соработка.
„Мораме да ја менуваме реалноста и подобруваме животот на граѓаните“, посочи Мицкоски.