Генерално овие неколку дена ќе бидеме во Брисел, заедно со потпретседателот Николоски и со меѓународниот секретар Муцунски. Ја користиме оваа прилика најпрвин со Европската Народна Партија, со политичките партии кои се дел од ЕПП за време на политичкото Собрание да зборуваме за актуелните теми кои што се дел од политиките на ЕПП, вели првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Предмет генерално ќе биде усвојување на буџетот за 2021 година, претстојниот Конгрес кој ќе се одржи на крајот од 2021 година, идеолошки Конгрес на Европската Народна Партија.
Оваа посета ќе ја искористиме да имаме и средби и голем број настани со политичари кои што се европратеници и претседатели на политички партии и премиери, луѓе кои се дел од ЕПП и да ја искористиме оваа можност да зборуваме за како може што поскоро да се отпочнат преговорите со Република Македонија, да се тргне она вето кое за жал нашиот источен сосед Бугарија го има наметнато да сега во 21 век ние разговараме за теми кои се од век.
На тој начин практично ќе се даде дополнителен мотив и стимул на македонските граѓани, на македонскиот народ да веруваат во европските вредности и европската перспектива на Македонија. Апсолутно сме свесни дека оваа влада предводена од СДСМ и Зоран Заев практично ја рангираше Македонија како најкорумпирана држава и држава во која владее криминалот и е на најлошото место во Европа.
Свесни сме дека нема реформи дека практично сето она што го ветуваа не успеаја да го испорачаат, но за тоа не треба сметката на крајот од денот да ја плаќа македонскиот народ и граѓаните и Македонија и затоа ние како држава заслужуваме како Македонци и македонски народ да ги отпочнеме преговорите и да застанеме рамо до рамо со европските народи“, вели Мицкоски.
Во однос на изјавата на Заев дека не треба да си даде оставка за блокадата во ЕУ, Мицкоски истакна дека лицемерни и дволични политичари можеби не треба да се коментираат сепак позицијата во моментот премиер е тешка па мораме да ги коментираме и неговите изјави.
Сега Бугарија не блокира затоа што сака буквално да ја начне нашата посебност како народ, нашиот јазик, нашата култура, нашата традиција и обичаи итн, нешто што навистина во 21виот век е се, само не е европска вредност.
Зоран Заев ветува дека се ќе потпише тука кога ќе дојде, во Македонија вели дека тоа не е точно, но таму кога седи на маса за што постојат и белешки од тие разговори, бидејќи заборава дека е премиер, луѓето си прават белешки, и потоа тие прибелешки излегуваат во јавност, додава лидерот на опозицијата.