„Најпрво ќе ми дозволите на сите православни христијани, на сите оние кои што денеска го слават овој голем христијански празник Успение на Пресвета Богородица да им го честитам и да им посакам здравје, среќа, успех на нив и на нивните семејства“ порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Берово.
Тој на сите граѓани во Македонија им посака бериќет и „да живееме во една Македонија во онаква во каква што сакаме да живееме. Држава во која што се помалку ќе има порази, а се повеќе ќе има победи. Држава во која што луѓето ќе се среќни, а не за жал како сега што се несреќни“.
„Така што на овој голем христијански празник, уште еднаш на сите граѓани кои го слават да им го честитам празникот, да има ја честитам славата и да им посакам успех, здравје и среќа на нив и нивните семејства“ рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање како ги коментира најавите за штрајк на просветните работници пред почетокот на учебната година рече дека наставно образовниот кадар наместо да се насочи на едукација на учениците, мора да се бори како да го преживее месецот поради ниските примања, односно како што вели тој додека на дневна основа владата дели милионски тендери во четири очи, стандардот на наставниците и професорите е на удар.
„Мојот коментар е дека се потешко се живее. Можам да кажам дека и моето семејство на одреден начин е семејство кое е поврзано со образовниот процес, знаете јас сум професор на универзитетот Св.Кирил и Методиј, а мојата сопруга исто така е професорка во скопската гимназија Орце Николов. И од прво лице сум запознае со тешката состојба на наставно образовниот кадар во училиштата, во основните и средните, но и на факултетите, но и оние коишто се во градинките, односно предшколската возраст. Така што сето она кое што се случуваше изминатиот период зададе навистина жесток удар врз стандарот на тие луѓе и буквално ние сме доведени до една ситуација кога тие наместо да ги образуваат , наместо да ги едуцираат нашите деца, тие едвај се борат како да го преживеат месецот од први до први. А во исто време сведоци сме како владата на СДСМ и ДУИ на дневна основа дели тендери во 4 очи, на дневна основа се исплаќаат милиони за проекти кои што воопшто и не се случуваат, како што е оној фамозен проект за коридорите 8 и 10д“ – истакна тој.