Мицкоски очекува успешна година на економски план со раст на БДП меѓу 3,5 и 4 проценти

by Фокус

Премиерот Христијан Мицкоски очекува 2025 година да биде поуспешна од 2024 година, со  раст на БДП помеѓу 3,5 и 4 проценти, инвестици од над милијарда евра и буџетски дефицит под 4 проценти.

– Очекувам параметрите во економијата во 2025 година да бидат подобри од тие што се во 2024 и растот на БДП да дојде до близу 4 проценти, помеѓу 3,5 и 4 проценти, иако проектираниот е на 3,7 проценти, рече Мицкоски, на новинарско прашање по пуштањето во употреба на новиот скијачки центар „Михајлово“.

Според него, 2024 година ја завршуваме со подобри резултати од очекуваните на економски план.

– Очекуваме да имаме позитивни параметри  за растот на БДП за четвртиот квартал со што севкупно растот за 2024 година да биде 2,6 проценти,  2,7 проценти, а  зошто да не и 3 проценти, зависно од тоа како ќе биде четвртиот квартал поради слабиот прв квартал бидејќи третиот и четвртиот се навистина успешни, би рекол најдобри во регионот,  изјави Мицкоски.

Тој повтори дека очекува нивото на странски инвестиции да надмине милијарда евра за 2024-та и уште поголем износ за 2025-та.

Поврзани новости