ВМРО-ДПМНЕ очекува на претстојните локални избори да го повтори или надмине резултатот од последните претседателски и парламентарни избори, на кои, како што рече партискиот лидер Христијан Мицкоски на денешниот брифинг со новинарите, неговата партија победи во 39 општини, плус во Градот Скопје.
Притоа, Мицкоски презентираше резултати од анкета нарачана за внатрепартиски потреби, според која, посочи тој, ВМРО-ДПМНЕ има рејтинг од 18,9 отсто, СДСМ од 14,4 отсто, Левица од 6,9 отсто, ДУИ од 5,5 отсто, додека коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива од 4,9 отсто.
–Дури 65 отсто од испитаниците се изјасниле дека државата се движи во погрешна насока, а така се изјасниле и 38 отсто од оние што би гласале за ДУИ и 17 отсто од оние што би гласале за СДСМ – рече Мицкоски, додавајќи дека за граѓаните најголем проблем е справувањето со коронавирусот, по што следуваат економијата, (не)вработеноста итн.
Исто така, тој претстави наводи од анкетата по општини, истакнувајќи дека независната кандидатка за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ – Даниела Арсовска, има поголем рејтинг од нејзиниот противкандидат Петре Шилегов, за кого, според Мицкоски, огромен е процентот на негативно наспроти позитивно мислење.
Воедно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека партијата и нејзините кандидати за градоначалници имаат предност во Велес од 3 проценти, во Прилеп и Аеродром од по 4 проценти, а, како што нагласи, во егал-ситуација со СДСМ се во Штип, Кочани…
–СДСМ можеби мислеше дека има чиста победа во Штип и Кочани, но резултатите покажуваат дека нема да имаат лесна задача. И во Струмица ќе победиме во многу места, вклучително и во Муртино… – рече Мицкоски, потенцирајќи дека двете партии се приближуваат и во Центар, каде, според него, исто така можно е изненадување.
Она што е интересно, тој прогнозира дека во Карпош и во Куманово ќе има втор круг, каде, како што посочи, ќе влезат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Оливер Зафировски и Тони Михајловски, но не со противкандидатите од СДСМ, туку со неговиот коалициски партнер Стевчо Јакимовски, односно со исклучениот социјалдемократ Максим Димитриевски.
Патем, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека допрва ги очекуваат резултатите за неколку скопски општини, меѓу кои Гази Баба и Бутел, каде очекува да добие поддршка од коалицијата на Зијадин Села и Африм Гаши, додека неговата партија за возврат ќе ги поддржи во Тетово, Гостивар, Чаир…
–Во 2005 година, СДСМ имаше повеќе градоначалници но сепак чувството беше дека ВМРО-ДПМНЕ е победникот. На овие избори, ние ќе победиме и по бројот на освоени градоначалници и по бројот на освоени гласови. Исто така, сметаме дека Алијанса и Алтернатива ќе победат наспроти ДУИ во битката за градоначалници – прокоментира Мицкоски.
На крајот, тој истакна дека после локалните избори ќе има друга политичка реалност, во која многу пратеници што се дел од актуелното парламентарно мнозинство ќе поддржат ново парламентарно мнозинство. Сепак, тој не ја исклучи можноста и за нови парламентарни веднаш после локалните избори.
Инаку, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска го промовираше слоганот со кој ќе настапи на претстојните избори – „Создади нова иднина – промени, проекти, победи“. Што се однесува до партиската изборна програма, како што информираше, ќе го носи насловот „Гарантираме“.
В.С.