Мицкоски очекува избори на пролет: Нема да попуштиме за Уставот!

Ако власта планира да спроведе претседателски па веднаш потоа парламентарни избори во редовниот термин во 2024, тие ќе пропаднат и на трите водечки позиции - претседател на државата, собранието и на владата ќе бидат кадри на ДУИ, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на брифинг со новинарите, презентирајќи податоци од внатрепартиска анкета, според кои имаат предност од над 7 отсто пред СДСМ.

by Фокус

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес на брифинг со новинарите истакна дека очекува следната 2023 година да има предвремени парламентарни избори, кои, според него, ќе се одржат во мај.

Како што рече Мицкоски, предвремени избори се наметнуваат како единствено решение на проблемите со кои се соочува државата, но и како резултат на внатрешните процеси во владејачките СДСМ, ДУИ и Алтернатива.

Доколку не се одржат избори во мај, тогаш, според него, нема логика да бидат пред редовниот термин во 2024 година, но, како што нагласува, нема да учествуваат во планот на власта ако тој вклучува прво претседателски а веднаш потоа парламентарни избори.

Мицкоски смета дека на тој начин непотребно финансиски би се оптерерила државата и затоа меѓу редови посочи дека на такви претседателски избори нема да учествуваат, со што невозможно би било да се постигне цензусот од 40 проценти.

Тоа, според него, значи дека претседателските избори ќе пропаднат, па функцијата претседател на државата ќе ја врши претседателот на Собранието, или во случајот Талат Џафери.

Со оглед дека тоа ќе биде период од 3 месеци пред редовните парламентарни избори, премиерската функција, според договорот меѓу СДСМ и ДУИ, ќе ја презеде Насер Зибери или друг предлог на ДУИ, така што, посочува Мицкоски, ДУИ ќе има свои луѓе на трите водечки позиции во државата.

Притоа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека работат на обезбедување на мнозинство кое би предизвикало предвремени избори на пролет, посочувајќи дека во таа насока разгледуваат креативни опции.

Истовремено, тој ја отфрла секоја можност да учествуваат во преговори за поддршка на уставни измени со цел Бугарите да влезат во Преамбулата на Уставот, што е услов да ги отвориме преговарачките поглавја со ЕУ.

Мицкоски истакна дека овој парламентарен состав нема мандат да го решава ова прашање, најавувајќи дека на следните избори ќе ја бараат довербата на граѓаните, меѓу другото, и со предлог како да се надмине овој проблем, без да открие дали концептот би бил репреговарање, напуштање на преговорите или нешто трето.

Патем, тој вели дека нема информации оти некој им пристапувал на неговите пратеници за да ги убедува да поддржат уставни измени.

Мицкоски е сигурен во лојалноста на сопартијците во собранието, иако пратеници на ВМРО-ДПМНЕ веќе гласаа за уставни измени по Преспанскиот договор, а периодов неколку вмровски советници ги напуштија советничките групи на партијата во некои општини.

На брифингот, тој презентираше податоци и од внатрепартиска анкета, според која ВМРО-ДПМНЕ има рејгинг од 19,4 проценти, СДСМ од 11,7 проценти, Левица од 6,7 проценти, ДУИ од 6,4 проценти, АА од 3,8 проценти…

Коментирајќи ја анкетата на ИРИ, според која поранешниот партиски лидер Никола Груевски има поголем рејтинг и од него и од премиерот Димитар Ковачевски, Мицкоски кусо рече дека тоа е неверодостојно и дека тоа можеби претставува порака до него.

Воедно, Мицкоски соопшти податоци дека има многу ниска доверба во правосудството, за кое, како што истакна, имаат план за структурни реформи, што, исто така, ќе го образложат во програмата за следните избори.

Во врска со забелешката дека имале воопштена реакција кон одлуката на Апелација да го врати случајот со масовно прислушување во првостепена постапка, што води кон застарувањето на кривичното дело за Сашо Мијалков и други првостепено осудени, тој рече дека останува на истиот став од порано, кога велеше дека Мијалков е дел од пакт со власта.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ говореше за лошиот менаџмент на власта во сферата на енергетиката, истакнувајќи дека домашните електрани не работат со полн капацитет, постојано има дефекти, па за увоз на струја досега се потрошени над 40 милиони евра.

Влатко Стојановски

Поврзани новости