Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во денешното интервју за порталот Курир вели дека тој не рекол дека го поддржува Договорот за добрососедство со Бугарија на средбата со Бојко Борисов. Ја обвини владејачката СДСМ дека креирала лажна вест.
-Имав конструктивна средба со г-динот Бојко Борисов на негово барање. Средбата ја прифатив со задоволство, затоа што верувам дека потребно е да се градат мостови на соработка, а не да се создаваат конфликти. На средбата се разговараше за актуелните теми во Македонија, во Бугарија, акцент беше ставен на иднината, но исто така и на теми кои се дел од минатото на двете држави. За дел од темите имавме исти позиции но за дел различни. Помалку непријатно беше што се снимаше почетокот на средбата каде вообичаено има неформален разговор помеѓу соговорниците кои се познаваат и жалам што нашиот политички противник СДСМ, целосно извртувајќи ја вистината, преку креирање на лажни вести се обиде да ги злоупотреби граѓаните. Никаде на средбата не го споменав договорот, тоа не може да се извлече како цитат затоа што не го кажав, но еве гледаме дека може да се прават лажни вести под владината палка и да се редат зборови во уста кои јас никогаш не сум ги кажал. И точно можеби сум нов во високата политика и со помала километража кога станува збор за билатералните средби, и можни се протоколарни слабости од кои учиме, но ве уверувам кога станува збор за суштината точно знам што говорам, за што се борам и какви интереси штитам и ќе продолжам да го правам тоа, вели Мицкоски.