Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Нова Македонија говореше за политчките случувања во земјава, но и состојбата во неговата матична партија.
Дали доктрината навестува драстичен политички пресврт во концептот на ВМРО-ДПМНЕ, или поместување од традиционалните принципи и вредности на десничарските партии?
„Ние не бегаме од нашите демохристијански вредности. Напротив, би рекол дека ги доградуваме со принципи и вредности, кои ја отвораат партијата кон поширокиот политички спектар. И во тој поглед, политиката на таканаречениот „нов договор“ ја отвора партијата кон мудрите глави во ова општество, кои во првата епоха на развој на државата во овие 30 години беа ставани настрана или, би рекол, поттурнувани поради различни причини. Новиот договор значи отворање и повик за мобилизација кон тие луѓе. Затоа што оние што ја злоупотребуваат власта сакаат и имаат интерес токму овие луѓе да останат политички индиферентни и незаинтересирани, што, пак, остава простор лошите поединци со лукративни интереси да одлучуваат во името на сите други.
Токму новиот договор, во времето што го нарекуваме втора епоха, треба да направи драматичен пресврт на обединување и заеднички патриотизам, што треба да биде точката на заеднички интерес на сите луѓе што живеат во нашата Македонија. Исто така, концептот на новиот договор значи и отворање на партијата за сите добронамерни поединци и групи, без оглед на припадноста кон заедниците, да учествуваат во револуционерните промени во начинот на однесување на политичката сцена и промените што треба да се случат за новата иднина, која им ја должиме на граѓаните. Нашата заложба е нашиот сон за револуционерни промени, кои треба да нѐ извадат од триесетгодишното блато во кое сме како држава“, вели Мицкоски.