„Денеска од Охрид како ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ започнавме една акција во Македонија која што има за цел да го мобилизира граѓанинот во Македонија пред она кое што следи за неколку месеци од денеска, а тоа се и претседателски и парламентарни избори“.
Ова вечерва го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при средба со граѓаните од Пештани во рамки на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените!“.
Тој додаде дека целта на акцијата е да се остварат средби со граѓаните, целни групи и организации со цел да се слушнат нивните проблеми и како идна Влада на ВМРО-ДПМНЕ што треба да направи со цел да се решат истите.
„Целта е да директно од граѓаните слушнеме за тоа што е она што е потребно идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ да направи, што е она што е потребно за граѓаните, да имаат пристојни услови за живот. Во таа цел ние ќе се сретнеме со многу наши сограѓани, организации, целни групи со цел да слушнеме што можеме ние како идна Влада да направиме. Тоа што можеме ќе го кажеме гласно и јасно и ќе биде дел од предизборната програма која што потоа убеден сум дека ќе биде владина програма“, нагласи Мицкоски.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ветува чуда бидејќи не се чудотворци, како и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го заврши она што е започнато и ќе се интервенира каде што е потребна поддршка од страна на Владата.
„Ќе отпочнеме еден проект кој што за првпат во Македонија ќе се отпочне, а тоа е од централниот буџет да реалоцираме средства кои што ќе значат поддршка за општините“, појасни Мицкоски.