Не верувам дека Бугарија ќе ја блокира Македонија во евроинтеграциите и покрај сите авантури кои што ги направи Зоран Заев изминативе години, оцени денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој овој заклучок го базира на досегашните изјави на бугарските политичари, како и на тоа дека со ова тие не би ја загрозиле само иднината на македонските граѓани, туку и сопствената иднина како граѓани на ЕУ.
Мицкоски го коментираше и ставот за постоење заедничка историја со Бугарија, но рече дека таквата идеја е прифатлива единствено ако тоа не го негира постоењето на македонскиот народ и пред 1945 година.
-Ја слушнав идејата за заедничка историја, и јас често пати во минатото сум одговарал на таа тема што подразбираме под заедничка историја. Ако подразбираме под заедничка историја каде што два различни народа, два посебни народа имале во минатото заеднички моменти, а тоа се македонскиот народ борејќи се за своја независна македонска држава и бугарскиот народ борејќи се за својата бугарска држава, тогаш да, можеме да се сложиме со тоа дека имаме во определен период заедничка историја, но откако Бугарија ќе признае посебност на македонскиот народ, кој што во тој историски временски интервал е посебен од бугарскиот народ и се борел за своја посебна независна македонска држава. Се останато е споделена историја или истпретплетени историски факти. Доколку некој се труди да стави знак на равенство помеѓу македонскиот народ и бугарскиот народ пред 45-тата година и непостоење на македонскиот народ во тој период тогаш ни под разно не можам да зборувам за споделување односно заедничка историја, изјави Мицкоски.