„Ние како ВМРО-ДПМНЕ не сме против никој проект што опфаќа одредена целна група, етничка група, географска положба во Македонија, ниту сме против изградба на коридорите како што се дел од коридорот 10Д и дел од коридорот 8, што се всушност и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Против сме, работната недела, бидејќи постои одлука на Уставниот суд, да ја продолжите од 40 на 60 работни часа, а да потпишете договор што ќе опфати пенали во вредност повеќе од 200 милиони евра. Да, за тоа сме против и за тоа ќе има одговорност“.
Ова денеска од Градско го порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со коридорите 8 и 10Д и изградба на „Бехтел и Енка“.
„Против сме да во услови на арбитража и спор со фирмата изведувач, македонското законодавство да го суспендирате и да важи законодавството на Англија и Велс, кое што по својата природа е различно од македонското, односно, македонското е континентален модел, а ова е англосаксонски модел. Против сме кога ќе се трошат буџетски пари, пари од граѓаните, да се суспендира Законот за јавни набавки, како што тоа го бара бладаат на ДУИ поддржана од помалиот партнер СДСМ“ – рече тој.
„Сме против криминалот кој што е присутен во овој проект“ – истакна Мицкоски.
Според него, има еден начин да докажат дека навистина се грижат за Македонија, за македонското стопанство, за граѓаните, а тоа е истите овие услови што ги потпишале, да им ги дадат на македонските компании.
„Не сме против компании реномирани, но сме за нашите македонски компании и ќе продолжиме да се бориме за нашите македонски компании и се ќе направиме идната влада на ВМРО-ДПМНЕ за нашите македонски компании да им овозможи да имаат услови за работа со кои што ќе вработуваат наши македонски граѓани“ рече Мицкоски.