Сместена меѓу борова шума, премиерската вила на Водно, за разлика од соседната, претседателската, најчесто зјае празна, без стопан. Се чини премиерите ја избегнуваат преселбата во луксузнаа вила, бидејќи сакаат да остават впечаток на скромни луѓе од соседството, или пак навистина преселбата за дел од нив е комплицирана.
Новиот премиер Христијан Мицкоски, исто така, реши да не се сели во елитното Водно, туку да остане во својата куќа во Влае.
-Јас останувам дома, кај мене во семејството, синовите се во тоа мало израснати и не се делат оттаму. Не би сакале да го менуваат живеалиштето во семејната куќа, најави неодамна Мицкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ ни потврдија дека нема промени, односно дека Мицкоски не живее во премиерската вила.
Но, очигледно поучен од минатото, дека вистината кога тогаш излегува на виделина, Мицкоски не глумеше лажна скромност, па на стартот откри дека живее во голема куќа од 343 квадратни метри, вредна дури 450.000 евра. Сепак, и сега не изостанаа реакциите и прашањата, како професор на машинскиот факултет во 2014 година успеал да купи ваква плата?
-Доколку се погледне имотот кој новиот премиер Мицкоски го пријавил како личен, веснаш може да се забележи дека тој е сосема друга, непозната класа од онаа на која огромниот дел македонски граѓани припаѓаат-сиромашната. Оттука, тој е и отуѓен од проблемите на обичниот Макесонец коб секојдневно преживува, додека неговите владари се луксузираат, коментираше Димитар Апасиев, лидерот на Левица.
Во премиерската вилата, пред речиси две децении, живееше поранешниот премиер Владо Бучковски, а по завршувањето на неговиот мандат во 2006 година, па се до сега, објектот ретко имал станар.
Во неа одби да живее Никола Груевски, со изговор дека му е доволна удобноста на станот, од 60-тина квадрати, на мајка му, на Бихаќка. Но, по неколку години обвинителката Лиле Стефанова сепак го разоткри и ја измести сликата за неговата скромност. Живеел во дуплекс, (два споени стана), а располагал и уште со два соседни стана. Едниот го користел како канцеларија, а другиот како библиотека.
Ниту техничкиот премиер Емил Димитриев не се всели во вилата. Исклучок направи премиерот Зоран Заев, кој велеше дека преспива во објектот на Водно, а неговото семејство сепак остана во родната Струмица.
Неговиот наследник Димитар Ковачевски пак одлучи да не ја користи оваа привилегија и со семејството остана да живее во својот дом.
Валентина Вурмо