Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во телевизиското гостување во дневникот на Сител телевизија, рече дека очекува победа и напомена дека идната претседателка би имала повеќе од 500.000 гласови, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ би имале 55 пратеници.
На прашањето дали постои ли шанса да ја смени плочата, во однос на ДУИ, Мицкоски одговори луѓето знаат дека не е човек што така лесно ја менува плочата.
-Како да правиме коалиција со луѓе кои на насилен начин се обидуваат да ја освојат волјата на граѓаните, рече Мицкоски.
Околу можноста ДУИ да оди во опозиција и стравот кај граѓаните, но и стравот кој се наметна за повторување на сценариото од 2001 година, Мицкоски рече „не смееме да се плашиме од закани на криминални политичари“.
„Ништо посебно нема да се случи ако ДУИ оди во опозиција. Луѓето од ДУИ сакаат да се закануваат. Заканите кои доаѓаат од ДУИ не се закани под кои ние треба да одиме чекор назад и да се плашиме. Тоа се закани во немоќ, закани на криминалци кои се плашат да не одговараат за тоа што го создадоа во Македонија. Народот да одлучи во каква држава сакаат да живееме“, рече тој.